АЕК – Меѓународна регулаторна конференција за 2026 год.
На покана на Агенцијата за електронски комуникации, НЕКСТ-ЕМ дооел присуствуваше на Меѓународната регулаторна конференција која се одржа од 18 до 20 Мај 2026 год. во Хотел „Метропол“ во Охрид. Дванаесет години по ред, АЕК организира Меѓународна регулаторна конференција, а во соработка со Меѓународната Унија за Телекомуникации, со цел да поттикне јавна расправа за прашања што се однесуваат на најновите технолошки достигнувања во ИКТ секторот, преку размена на мислења, решенија за можни проблеми, најдобри практики и искуства. Оваа конференција, ја отвори директорот на Агенцијата за електронски комуникации, господинот Јетон Акику. Воведни обраќања имаа и Претседателот на Комисијата на АЕК – проф. Д-р Орце Симов, претставник од Министерството за дигитална трансформација – Радослав Настасијевиќ Варџиски – заменик-министер и претставник на ITU – Јарослав Пондер, раководител на канцеларијата на ITU за Европа. Оваа конференција ги обедини учесниците од цела Европа, вклучувајќи владини претставници, претставници на Меѓународната Унија за телекомуникации, регулаторни тела, академска заедница, оператори, експерти од индустријата и други компании, како и истакнати личности од националниот и глобалниот пазар на електронските комуникации. Конференцијата, под мотото „Правилата за утре се сретнуваат денес“, со теми на кои се дискутираше во 6 сесии, ја одразува суштината на трансформативниот период, во кој сегашните одлуки, дискусии, и експертиза директно влијаат врз правилата што ќе го уредуваат идниот пејзаж на електронските комуникации, активно обликувајќи ја регулаторната рамка на иднината. Активно учество имаше и НЕКСТ- ЕМ дооел.











