Меѓународна конференција „Дигитална трансформација за граѓаните”

Фондацијата за интернет и општество, Метаморфозис ја организираше  меѓународната конференција  „Дигитална трансформација за граѓаните”. Конференцијата се одржа на 4-5 Април 2023 год. во хотел „Мериот“ во Скопје но и онлајн на платформата Zoom, при што свое присуство имаше и НЕКСТ-ЕМ дооел. Конференцијата се организираше во духот на инклузивна и ефикасна дигитална трансформација заснована на потребите на граѓаните и на тој начин не остава простор за поткопување на човековите права и достоинства, ниту пак за дигиталната исклученост. На конференцијата  се обединаја претставниците од институциите, граѓанскиот сектор, медиумите, академијата, активистите, практичарите и граѓаните овозможувајќи им да ја истражат дигиталната трансформација низ призмата на паметното е-Владеење, дигиталниот јаз, приватноста, вештачката интелигенција, сајберотпорноста и хибридното војување. На отворањето се обратија Славица Грковска, заменичка на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација и извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис за интернет и општество, Бардил Јашари, а модератор беше Мила Јосифовска Даниловска. Говорниците ги споделија своите гледишта и процената на напредокот на дигиталната трансформација насочена кон потребите на сите граѓани. Имаше повеќе сесии и тоа, Надминување на дигиталната поделба, Поттикнување на побарувачката за паметно е-владеење, Како да се изгради отпорност на хибридна војна?, Заштита на приватноста во свет што го движи Вештачката интелигенција и Градење заедници отпорни на сајбер напади. На сите овие сесии свои излагања имаа експерти од таа област.