Конференција: Одговорни институции
Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја организираа конференцијата „Одговорни институции преку зголемена транспарентност и политичка комуникација“. Настанот се одржа на 4 Декември (среда) 2024 година со почеток во 12:30 часот во хотел Холидеј Ин, Скопје. Воведни обраќања на конференцијата имаа Жанета Трајкоска, директорка на ИКС, Христијан Мицкоски, Претседател на Владата на РСМ, и Даниел Филер, вршител на должност, Британска амбасада во Скопје. Конференцијата отвори дебата за унапредување на транспарентноста и отчетноста на јавните институции и политичките актери, преку подобрување на стандардите на политичка комуникација. Транспарентноста на институциите и отворената политичка комуникација се клучни за градење доверба помеѓу граѓаните и власта. Кога институциите искрено и јасно ги споделуваат информациите за своите одлуки и активности, тоа овозможува граѓаните да бидат информирани, да учествуваат во дебати и да влијаат на одлуките што ги засегаат. Посебно внимание беше посветено на одговорноста на политичките актери и институциите за искрена и ефективна комуникација со јавноста, особено во чувствителните предизборни и изборни периоди, како и на улогата на медиумите во известувањето за политичките процеси. Имаше 2 сесии при што домашни и странски говорници зборуваа за влијанието за штетните наративи и враќањето на јавната доверба. Конференцијата е организирана од Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје. На покана на ИКС, на настанот свое присуство имаше и НЕКСТ-ЕМ дооел.