Конференција „Е-Општество.мк“ - Кибер отпорност за слобода и безбедност
Фондацијата за интернет и општество, Метаморфозис по 18-ти пат ја организираше меѓународната конференција „Е-Општество.мк“.
Конференцијата се одржа на 6-7 Декември 2022 год. во хотел „Мериот“ во Скопје но и онлајн на платформата Zoom, при што свое присуство имаше и НЕКСТ-ЕМ дооел. Конференцијата започна со обраќања на амбасадорите на ЕУ, Дејвид Гир, на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, како и на Обединетото Кралство, Метју Лосон. На отворањето се обрати и извршниот директор Бардил Јашари, а наместо министерката за одбрана на конференцијата учествуваше државниот секретар, Владимир Анчев, како и преку видео обраќање присутна беше и вицепремиерката Славица Грковска. Конференцијата е-Општество.мк секогаш се организира на теми, за кои Фондацијата Метаморфозис смета дека се важни и приоритетни за да се најдат заеднички решенија за нив, овој пат со
исклучително актуелната тема Кибер отпорност за слобода и безбедност. На конференцијата присуствуваа и говореа претставници на институции од Европа, од нашата држава, граѓанското општество и правни експерти. На конференцијата се разговараше за приватноста и безбедноста во дигиталната ера, како и поттикнувањето и негувањето на едно кибер-отпорно општество. Овие теми се дискутираа преку панел дискусии за дигиталната трансфoрмација на јавната администрација и општествата во земјите од Западен Балкан, почитувањето на човековите права во онлајн просторот, кибер безбедноста, надзорот и биометриска обработка на податоци, приватноста, како и онлајн активизмот и надминување на родовиот јаз на професионалците за кибер безбедност. Тема на дискусија исто така беше и борбата со дезинформации во време на војни, дезинформации како безбедносни закани за демократијата, и ефектите од дезинформациите и странските малигни влијанија врз демократијата.