Справување со дезинформации
Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис организираше конференција за Справување со дезинформации, која се одржа на 31 Мај 2022 год. со почеток во 12 часот во Хотел Панорамика во Скопје. Настанот е посветен на градење мулти-секторски пристап за решавање на овој важен проблем преку заеднички ангажман на државните институции, независните медиуми, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор.
Конференцијата обезбеди платформа за дискусија на чинителите кои работат на развој на демократијата преку борба против дезинформациите и унапредување на слободата на изразување. На конференцијата учествуваа претставници на релевантните институции, стручната јавност, граѓанскиот сектор и меѓународната заедница. Настанот имаше две работни сесии. На првата сесија беа претставени и дискутирани резултатите од тековни истражувања за состојбите со цел подобро разбирање на контекстот, додека на втората сесија се дискутираше за препораките за наредни чекори на различните општествени чинители со цел заедничко спротивставување на штетните влијанија насочени против развојот на демократијата и интегративните процеси. Секоја сесија имаше воведен панел со кратки излагања на говорниците и простор за дискусија на сите учесници. Конференцијата ја отвори г-дин Стево Пендаровски, претседател на РСМ, а свое видео обраќање имаше и г-дин Димитар Ковачевски, претседател на Владата. На покана на Метаморфозис, свое присуство имаше и НЕКСТ-ЕМ дооел.