Дигитална трансформација

На покана на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР), во соработка со проектот Policy Answers и Enterprise Europe Network Macedonia, НЕКСТ-ЕМ дооел учествуваше на специјализирана обука за компании што сакаат да ги оптимизираат своите процеси преку современи дигитални решенија. Обуката се одржа на 11 Ноември 2025 год. во Јавна Соба, со почеток во 11 часот. Во време кога технологијата го менува секој аспект од деловното работење, дигиталната трансформација станува предуслов за конкурентност, ефикасност и одржлив раст. Оваа обука е фокусирана на компании кои нудат услуги и сакаат да ја унапредат ефикасноста, комуникацијата со клиентите и квалитетот на своите услуги преку дигитални алатки и иновации. Во текот на обуката, се дискутираше за најкорисните технологии за услужниот сектор – CRM системи, cloud решенија, автоматизација, аналитика и алатки базирани на вештачка интелигенција (вклучувајќи ChatGPT), со посебен акцент на заштитата на податоци при користење на cloud платформи. Предавач на обуката беше Гоце Џуровски, кој е ERP консултант и проектен менаџер со долгогодишно искуство во дигитална трансформација и оптимизација на бизнис процесите. Учествувал во бројни проекти финансирани од ЕУ, ФИТР, УНДП и УСАИД, како и во развој и имплементација на софтверски решенија за компании од различни сектори. Со своето техничко и советодавно знаење активно придонесува кон подобрување на ефикасноста и конкурентноста на малите и средните претпријатија.