Меѓународна конференција за отворени податоци

Меѓународната конференција за отворени податоци на темата „Податоците и културата на отвореност“ организирана од страна на Фондацијата Метаморфозис преку Проектот на УСАИД за граѓанско учество, се одржа од 18 до 20 Мај 2022 год.  во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје при што свое присуство имаше и НЕКСТ-ЕМ дооел.

Тридневната конференција имаше прашања поврзани со вредноста на отворената култура и улогата на отворените податоци во неа, а отворените податоци се дискутираа од различни аспекти. Конференцијата им овозможи на учесниците, преку панел дискусии, да споделат примери и искуства на теми поврзани со моменталната состојба на отворените податоци во Западен Балкан, но и за иновативните и практични решенија. Една од темите на конференцијата беше и концептот на отворените градови. Настанот обедини претставници од владините институции на Западен Балкан, невладини организации и експерти во полето на отворените податоци. Во своето поздравно обраќање, директорот на Фондација Метаморфозис Филип Стојановски, истакна дека меѓународната конференција за отворени податоци е продолжение на соработката со УСАИД, истакнувајќи ја и важноста на Министерството за информатичко општество и администрација во целиот процес. Претставник на канцеларијата на УСАИД Џејмс Стајн посочи дека “отворените податоци” се моќна алатка. Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити изјави дека Министерството во соработка со Фондацијата Метаморфозис работи на поддршка на институциите, како што се Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавни набавки, Институтот за јавно здравје и Генералниот секретаријат на Владата во процесот на отворање на нивните податоци. Конференцијата имаше и едукативен карактер каде што учесниците имаа можност да присуствуваат на работилница на темата „Патоказ за отворени податоци“. Настанот заврши со препораки за активно користење на отворените податоци.