Меѓународен симпозиум

Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС  го организираа третиот годишен меѓународен симпозиум „Медиумската писменост во добата на вештачката интелигенција: проширување на границите на возможното“, во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Настанот се одржа на 29 февруари (четврток) 2024 година со почеток во 09:30 часот во хотел Лимак, Скопје. Симпозиумот ја истражуваше конвергенцијата на медиумската и информациската писменост со доменот на вештачката интелигенција (AI) кој забрзано се развива. Тој има за цел да разгледа на кој начин подобрената медиумска писменост, особено во рамките на технологиите за вештачка интелигенција, може да им овозможи на младите не само да развијат вештини за доверба и за критичко оценување на медиумските содржини, туку и ефикасно да користат медиумски алатки кои се „напојувани“ од вештачка интелигенција со цел поттикнување на позитивни промени во општеството. Симпозиумот вклучи серија разговори и дискусии, фокусирани на стекнување на подобро разбирање на вештачката интелигенција, нејзиниот актуелен и современ развој, нејзините импликации во медиумската сфера, како и за суштински важната потреба од тоа образовните системи да се прилагодат и да бидат во тек со брзото темпо на напредување на вештачката интелигенција. За време на симпозиумот беше одржана и работилница за млади, на која повеќе од 30 средношколци, студенти и други млади луѓе ги научија основите на вештачката интелигенција и како да ги користат алатките за вештачка интелигенција на одговорен и на коректен начин. На покана на ИКС, на настанот свое присуство имаше и НЕКСТ-ЕМ дооел.