Конференција Посветеност кон отвореност за долготрајни успеси
Фондација Метаморфозис организираше настан „Посветеност кон отвореност за долготрајни успеси“ кој се одржа на 19 Јуни 2024 година со почеток од 11 часот во сала Милениум II во Хотел Холидеј Ин, Скопје. На настанот беа промовирани најновите резултати од мониторирањето на отвореноста на извршната власт изведена преку Индексот на отвореност на национално ниво, и се направи споредба со резултатите од претходните години. Низ дискусија се презентираа научените лекции и добрите практики преку кои може да се подобри транспарентноста на институциите. На настанот се дискутираше и за Партнерството за отворена власт и се претставија заложбите од шестиот Национален акциски план. Мониторирањето се спроведува осма година по ред, регионално, кај нас и во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина и сумираните регионални резултати ќе бидат објавени во септември, додека фокусот на денешниот настан беше на националните резултати. Резултатите ги презентираше програмската директорка на Фондацијата Метаморфозис, Данче Даниловска-Бајдевска. Таа нагласи дека нашата земја е единствена од регионот со Стратегија за транспарентност на Владата, но имплементирањето на стратегијата, сепак се одвива бавно. Главните заклучоци од овогодинешното мониторирање покажуваат дека напредокот во зголемување на транспарентноста и отвореноста на извршната власт (министерствата и органите во состав) е во застој, подобрените резултати од минатото се застанати на одредено ниво, па не постои значајно поместување во последните години. Затоа се препорачува засилена имплементација на постојните политики со кои се унапредува отвореноста од страна на министерствата и извршните органи, со цел да се постигне напредок во отвореноста. Свое присуство имаше и НЕКСТ-ЕМ дооел.