АЕК – Меѓународна регулаторна конференција за 2024 год.
На покана на Агенцијата за електронски комуникации, НЕКСТ-ЕМ дооел присуствуваше на Меѓународната регулаторна конференција која се одржа од 13 до 15 Мај 2024 год. во Хотел Инекс Олгица во Охрид. Десет години по ред, АЕК организира Меѓународна регулаторна конференција, со цел да поттикне јавна расправа за прашања што се однесуваат на најновите технолошки достигнувања во ИКТ секторот, преку размена на мислења, решенија за можни проблеми, најдобри практики и искуства. Оваа конференција, ја отвори директорот на Агенцијата за електронски комуникации, господинот Јетон Акику. Насловот на конференцијата „Премостување на јазот – Влез во нова ера“ со теми на кои се дискутираше беа: Сесија 1 – Управување и следење на спектарот (технологија, студија на случај, QoS, мерења, покриеност, предизвици, споделување инфраструктура), Сесија 2 – Сајбер безбедност (регионална соработка, приоритети за сајбер-безбедност, подигање на свеста, безбедносни стратегии, потреба за проактивен пристап, сајбер криминал, оператори на критична инфраструктура) и Сесија 3 – Широкопојасен интернет и регулаторни прашања (моментална состојба на пазарот, градење мрежи, инфраструктура, OTT регулација, анализи на пазарот, конкуренција, цени, роаминг, крајни корисници). Беа поканети познати личности, од македонските и меѓународни институции, меѓу кои, регулаторни тела, оператори, други компании, како и клучни личности на македонскиот и глобалниот пазар на електронски комуникации. Конференцијата обезбеди одлична платформа за целисходен дијалог помеѓу сите засегнати страни и одлична основа за размена на мислења за теми од заеднички интерес, преку споделување на знаење и искуство. Активно учество имаше и НЕКСТ-ЕМ дооел.