Конференција Хибридни и информациски закани
Институтот за комуникациски студии (ИКС) организираше конференцијa Хибридни и информациски закани: од препознавање кон национален системски одговор, што се одржa на 28.11.2025 год., со почеток во 12:00 часот во хотел Холидеј Ин, Скопје. На конференцијата воведни обраќања имаа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски , амбасадорот на Велика Британија, Метју Лосон и директорка на ИКС Жанета Трајкоска. На панел-дискусија говореа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и професори и експерти во областа од државата и од Европа. На настанот беше промовиран документот за јавни политики што го подготви ИКС со наслов „Институционален одговор на странското мешање и манипулирање со информации во државата: модели и опции за политика“. Хибридните закани кои комбинираат воени, политички, економски, кибер и информациски методи денес претставуваат еден од најсложените безбедносни ризици за демократијата. Странското мешање и манипулирање со информации, како дел од овие закани, имаат за цел преку злоупотреба на информациските канали да предизвикаат институционална парализа и општествена криза. Нашата држава како земја членка на НАТО, се наоѓа во опкружување каде што дезинформациските кампањи често се користат за влијание врз јавната перцепција, за поларизација во општеството и за подривање на довербата во институциите. Конференцијата се организира во рамките на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје. На покана на ИКС, на настанот свое присуство имаше и НЕКСТ-ЕМ дооел.








