АЕК – Меѓународна регулаторна конференција за 2022 год.
На покана на Агенцијата за електронски комуникации, НЕКСТ-ЕМ дооел присуствуваше на Меѓународната регулаторна конференција која се одржа од 16 до 18 Мај 2022 год. во Хотел Метропол – Охрид. Осма по ред, по две години пауза заради пандемијата, АЕК организира Меѓународна регулаторна конференција, со цел да поттикне јавна расправа за прашања што се однесуваат на најновите технолошки достигнувања во ИКТ секторот, преку размена на мислења, решенија за можни проблеми, најдобри практики и искуства.
Насловот на конференцијата “ Предизвици кон Гигабит општество“ со теми на кои се дискутираше беа: Сесија 1 – Регулаторни предизвици, Сесија 2 – 5G, Сесија 3 – Сајбер безбедност и Сесија 4 – Широкопојасен интернет. Насловот на конференцијата “Предизвици кон Гигабит општество“ упатува на поттик на сет од акции меѓу мрежата на регулаторните тела за зајакнување на соработката и подобрување на работата. Беа поканети познати личности, од македонските и меѓународни институции, меѓу кои и владини претставници, регулаторни тела, оператори, други компании, како и клучни личности на македонскиот и глобалниот пазар на електронски комуникации. Оваа конференција, ја отвори директорот на Агенцијата за електронски комуникации, господинот Јетон Акику, а во поздравниот говор се обрати и Министерот за информатичко општество и администрација, г-динот Адмирим Алити. Конференцијата обезбеди одлична платформа за целисходен дијалог помеѓу сите засегнати страни и одлична основа за размена на мислења за теми од заеднички интерес, преку споделување на знаење и искуство. Активно учество имаше и НЕКСТ-ЕМ дооел.