Механизми за елиминација на сивата економија

Во насока на активно вклучување на деловната заедница во стратешките економски политики и националната законска регулатива, Проектот на УСАИД “Партнерство за подобра бизнис регулатива” кој го имплементираат четирите клучни партнери: Стопанска комора на Македонија; Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија, организираа Форум на тема: “Механизми за елиминација на сивата економија, имплементација и очекувани резултати” кој се одржа на 16 Мај 2019 год. во Хотел Александар Палас во Скопје со почеток во 11 часот.

Целта на настанот беше инклузија на сите релевантни страни во процесот на намалувањето на сивата економија и дискусија за идентификување на предлози, начини и механизми со кои ќе се намали сивата економија и создаде поволен деловен амбиент за компаниите. Форумот беше наменет за сите микро, мали и средни претпријатија во насока на нивно вклучување во креирање на предлози, мерки и заклучоци за борба со сивата економија, а сите конкретни предлози и заклучоци ќе бидат дефинирани и доставени до надлежните институции. На високо ниво, претставниците на Владата, домашни и странски експерти, професори и истакнати стопанственици дискутираа за најголемите предизвици на компаниите во борбата со сивата економија, конкретни решенија за нејзино сузбивање како и очекуваните ефекти за стопанството и економијата од воведување на нерегистираните субјекти во системот. Свое присуство имаше и НЕКСТ-ЕМ дооел.